Унгарија преку огласи во весниците во Јордан и Либан ги одвраќа бегалците

0
146

Унгарската влада во понеделникот објавила огласи во либанските и јорданските весници, со кои ги предупредува бегалците и мигрантите да не се обидуваат илегално да влезат во Унгарија, бидејќи сега тоа е кривично дело, казниво со закон.

Огласите се објавени на цела страна во неколку дневни весници, вклучувајќи ги „Ан-Нахар“, кој е најугледен весник во Либан, и „Ал-Раи“, најугледен весник во Јордан. Унгарската влада во огласите порачува дека „ќе биде преземена најжестоката можна акција“, против луѓето кои ќе се обидат илегално да влезат во земјата.

„Не ги слушајте шверцерите на луѓе. Унгарија нема да им дозволи на илегалните мигранти да преминат на нејзина територија“, се наведува на арапски и англиски јазик.

Во Либан, земја со популација од 4,5 милиони луѓе, сместени се повеќе од 1,1 милион сириски бегалци, а во Јордан, каде живеат околу 6,5 милиони луѓе, сместени се околу 630 илјади бегалци. Некои од нив веќе изразиле подготвеност да емигрираат во Европа поради слабата помош во овие две земји и се помалите шанси за вработување./крај/мф/бс