Унгарија се спаси од пораз од Исланд со автогол во самиот финиш

0
482

Унгарците, со автоголот на Биркир Северсон на две минути пред крајот освоија бод против незгодниот Исланд кој поведе од пеналот на Гилфи Сигурдсон во 40 минута, во второто коло од Групата Ф на европското фудбалско првенство, а и овој меч одигран во Марсеј остана одбележан со безредија на трибините.

Унгарците така, по победата над Австрија во првото коло, имаат четири бодови и се најпријатното изненадување на првенството. Исланд, пак, пропушти шанса да го здобие тој епитет, па во последното коло токму против Австрија ќе се обиде со победа да ѝ конкурира на Унгарија и да се пласира во осминафиналето барем како една од четирите најдобро пласирани трети екипи во групната фаза.

Првото полувреме измина во слаб фудбал без вистински шанси, а Унгарците не упатија ниеден шут кон исландскиот гол иако топката во свој посед ја имаа дури 70 отсто. Исланд половина час трпеливо се бранеа а во 31 минута Гудмундсон од близина шутираше во унгарскиот голман Кираљи, кој пак му кумуваше на пеналот досуден во 40 минута, кога ја испушти топката од своите раце а бекот Кадар го собори Гунарсон. Прецизен реализатор беше најдобриот исландски фудбалер Гилфи Сигурдсон.

И во второто полувреме не се смени ништо позначајно, Унгарците имаа јалов посед на топката, а Исланѓаните од контранапад ја чекаа својата шанса да го решат мечот. И кога веќе се очекуваше крајот, во 88 минута Унгарија изедначи со автоголот на Северсон. По десната страна се проби резервистот Николиќ, кој остро уфрли во петерецот, каде се најде несреќниот исландски бек. Во четвртата минута од судиското продолжување Исланд имаше колосална шанса, но ударот од близина на ветеранот Гудјенсон беше блокиран во последен момент.