Унгарија: Свински глави на границата, за емигрантите да се откажат од влегување

0
402

Унгарскиот пратеник во Европскиот парламент Ѓерѓ Шофлин предложи на границата на Унгарија да се постават свински глави со што би се натерале емигрантите да се откажат од влегување во таа земја.

Владата во Будимпешта во последно време е критикувана поради остриот став кон прифаќањето емигранти, а неодамна на социјалните мрежи беа објавени фотографии на кои се гледаа плашила на границата, кои најверојатно треба да ги одвратат емигрантите, пишува Индипендент.

Одговарајќи на критиките околу сето тоа, Шофлин, инаку член на десничарската партија Фидес, напиша на Твитер: „Прикажувањето човечки лица е нешто што во исламот е забрането… Свински глави поефикасно би ги одвратиле“.

На ова Ендрју Штрелајн од организацијата Хјуман рајтс воч му одговори: „Вашите зборови се одвратни. Такво нешто би очекувал од некои анонимни неонацистички тролови, но вие сте пратеник во Европскиот парламент, па однесувајте се соодветно“.

Унгарија на своите граници постави ограда за да го спречи нелегалното влегување на емигрантите, а од 177.135 барања за азил во текот на 2015 година, унгарските власти одобриле само 146, покажува официјалната статистика.

mkd.mk