УНИЦЕФ реагира по убиството на 10 ученици во воздушниот напад во Јемен

0
248

Десет ученици се убиени во саботата бомбардирањето на авијацијата на меѓународната коалиција којашто ја предводи Саудиска Арабија во зоната под контрола на побунетото шиитско население и приврзаниците на поранешниот претседател во соседниот Јемен, а во неделата фондацијата на Обединетите нации за заштита на децата УНИЦЕФ апелираше да се поштедат животите на цивилите.

„Видовме десетина мртви деца и 28 ранети, сите помлади од 15 години и жртви се на воздушен удар врз верското училиште во Хајдан“, изјави Малак Шахер, портпаролот на невладината хуманитарна организација Лекари без граници. Бомбардирањето се случи во саботата, а Шахер додаде дека сите деца биле на возраст од 6 до 14 година.

Снимките на детските тела замотани во покривачи ги објави на Facebook Мохамед Абделсалам, портпаролот на Хутите, шиитските бунтовници во Јемен, и го осуди „ова злосторство од омраза“.

Саудиската државна новинска агенција SPA извести дека авионите на меѓународната коалиција која ја сочинуваат претежно сунитските монархии од Блискиот исток, нападнале „центар за тренирање на бунтовниците“ Хути на северот од земјата, а не верско училиште.

Хутите, кои се шиитски муслимани од северот на Јемен, се побунија против попустливоста кон борците од племињата приврзани на Ал Каеда од владата на претседателот Абд Раба Мансур Хади во 2014 година. Нивни сојузници се војските лојални на поранешниот јеменски претседател Али Абдалах Салех кој беше соборен во 2012 година. Оваа коалиција освои големи делови од Јемен, меѓу кои и главниот град Сана, а Хади пребегна во Саудиска Арабија.