Урната оградата околу темелникот за крстот во Бутел

0
710

На местото на кое е планирано да се изгради 55-метарскиот крст во општина Бутел, учесниците на протестот поставија шатори и најавија дека таму остануваат ноќва, а најверојатно и деновиве. Целта им е како што велат да ја спречат изградбата на крстот. Претходно ги турнаа тарабите со кои беше оградено местото, запалија и една од палмите, а покрај шаторите поставија и албански знамиња.

Сето ова го предводеа челниците на Демократската унија за интеграција градоначалникот на Чаир Изет Меџити, пратениците, Талат Џафери, Артан Груби, Ермира Мехмети, голем број министри од редовите на интегративците и други високи функционери на партијата. Како што најави Меџити тие нема да се тргнат оттаму се додека не биде сменета одлуката за поставувањето на крстот.
 Пред разурнувањето на целиот ограден простор на околу камен темелникот, на собраните им се обрати градоначалникот на соседната општина Чаир, Изет Меџити, кој порача дека протестот е резултат „на верската поделба која се провоцира со поставување на крстот“, бидејќи, како што рече, „на крстовите и минарињата, местото им е во верските објекти а не на сред улица“.

Иако според него се работи за граѓански револт, Меџити најави дека демонстрантите „нема да се тргнат од местото“, односно дека таму ќе останат „сé додека не се промени одлуката на општина Бутел“, која според него не е во интерес на сите граѓани.

„Оодлуката за поставувањето на крстот е провокација за сите Албанци, без разлика дали се тие муслимани, православни или католици. Тој додаде дека доколку општината Бутел е толку загрижена за православните Албанци, можела да одвои една локација каде би се изградила албанска православна црква и на неа да се стави крстот“, рече Меџити без да појасни во што се состои провокацијата на етничко ниво.

Засега не реагираа полициските сили кои се распоредени претходно во текот на денот на најавата за граѓанскиот протест.