Уште два дена до лидерската средба

0
259

Во среда четворицата лидери на политичките партии потписнички на договорот од Пржино треба да се договорат дека сите договорени услови за одржување на предвремени парламентарни избори се исполнети и дека на 11 декември ќе се одржат изборите. Сите услови освен еден – нема консензус за петтиот член на ад хок-телото за мониторинг на медиумите во предизборниот период.

Денеска во 12 часот веќе избраните членови на ова тело, Слаѓана Димишкова, Цветин Чилиманов (предложени од ВМРО-ДПМНЕ), Гоце Трпеноски и Љубомир Костовски (предложени од СДСМ) ќе се обидат уште еднаш да го изберат петтиот член, кој според договорот треба да е Албанец.

Од досега предложените и пријавените, најсериозни кандидати се Даут Даути и Сефер Тахири. Првиот ја има поддршката од Димишкова и Чилиманов, а вториот од Трпеноски и Костовски.

За претседателот на СДСМ Зоран Заев некомплетирањето на ова ад хок-тело не може да биде причина за да не се одржат изборите.

„Не треба да дозволиме поради една ваква мала причина да се одложат ставовите за заклучоците за исполнување на условите согласно кој ќе биде фиксиран датумот за избори. Јас верувам дека на 31 август, ние претседателите на поголемите партии, ќе објавиме дека 11 декември ќе биде датумот на изборите“, изјави Заев.

Агенцијата за аудио и аудио-визуелни медиумски услуги (АВМУ),  во петокот ја усвои методологијата за надзор на изборното медиумско претставување преку радио и телевизиските програмски сервиси за предвремените парламентарни избори.