Уште еден земјотрес ја стресе Битола

0
502

Земјотрес со јачина од 3,6 степени според Рихтеровата скала е почувствуван во четврокот попладнетo во јужните делови од земјата, објави Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје.

Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Македонија, со станици во Скопје, Штип, Валандово, Битола, Охрид и Крушево, во 18,41 часот регистрирала земјотрес чиј епицентар се наоѓа во соседна Грција, околу 30 километри јужно од Битола, односно околу 137 километри од главниот град Скопје.

Според досегашните макросеизмички податоци, овој земјотрес е почувствуван во јужните делови од Македонија, односно Охрид, Битола и Ресен со интензитет од IV степени според Европската макро-сеизмичка скала–1998.

Претходно во средата доцна вечерта во истото подрачје беа почувствувани два земјотреса. Првиот во 22,39 часот со јачина од 2,6 степени, чиј епицентар беше во битолскиот регион, поточно на 17 километри југозападно од Битола, односно 123 километри јужно од Скопје. Вториот потрес се случи во 22,41 часот со јачина од 4,1 степени според Рихтер во епицентарот кој беше на 31 километар јужно од Битола на територијата на Грција.

Освен вознемиреност кај населението, потресите не предизвикале никакви штети.