Уште една ноќна лидерска средба заврши неуспешно

0
397

Имавме корисни разговори иако не постигнавме договор. Добро е што луѓето почнуваат да разговараат. Се надевам на најдобро, но времето притиска, се очекува извештајот за напредокот и препораката, изјави синоќа Питер Ванхојт по завршената уште една полноќна лидерска средба без резултат.

Вчера на полноќ во Клубот на пратениците во Скопје се одржа уште една средба на лидероте на четирите политички партии за спроведување на договореното во Пржино на 2 јуни и 15 јули.

На маса биле сите отворени прашања, а за посредникот, белгискиот експерт Питер Ванхојт важно е што преговите за примена на Пржино продолжуваат.

На синоќешната средба која траела само два часа присуствуваа Никола Груевски, Зоран Заев, Али Ахмети и Мендух Тачи, како и евроамбасадорот Аиво Орав и претставници на други амбасади.

Преговорите продолжуваат и денеска и во наредните денови на билатерално ниво. Не е договорено кога би имало заедничка средба на работната група.

И натаму отворени се прашањата за специјалното обвинителство, за надлежностите на новите министри и заменици министри, за законот за „бомбите“ и оној за таканаречените свиркачи…

Пред средбата во Клубот на пратениците, премиерот Никола Груевски имашесредба со амбасадори на ЕУ кои му ја пренеле пораката од Брисел за решавање на кризата во Македонија.

По средбата освен Ванхојт никој друг не даде изјава.

Премиерот Груевски пред средбата во своето обраќање во МОБ по повод одбележувањето на 23 Октомври – Денот на македонската револуционерна борба рече дека договорот од јуни и јули во Скопје, треба да се почитува во целост, како што е договорен и напишан, без проширувања од рамките во кои е поставен и без разни толкувања и дополнувања во зависност од политичките интереси на партиите.

На свечената академија пред присутните рече дека политичкиот Договор од Пржино е јасен, сам по себе договор и тој не „може да служи како појдовна точка за нови преговори за нови договори од кои почетна точка е тој договор“.

„Секој политичар треба да пристапува со максимална сериозност, одговорно и посветено. Треба да го почитува тој постигнат договор. Зборот не може да биде збор за нов збор. Зборот е збор сам по себе. Тој што потсетува за зборот треба да потсети на друго место, а не пред македонскиот народ, македонскиот народ и сите граѓани на Македонија знаат што е даден збор“, рече премиерот.