Успешно претставување на Солза и смеа во Канада

0
817

Солза и смеа периодов се на голема турнеја во Канада и Америка.

За таа цел подготвија и нова претстава, која битолската публика ќе има можност да ја погледне после нивното враќање во Македонија.

Тие веќе се претставија во Мисисага и во банкетната сала на МПЦ ,,Св. Климент Охридски,, во Торонто, со што ја започнаа својата канадско-американска турнеја.

Театарот гостува на покана и во организација на познатите менаџери Соња и Срџан Мириќ од Канада.

-Со оглед на тоа што ова е наша прва турнеја и наше прво претставување пред македонската публика во Канада, се чувствуваме навистина возбудено. Можноста да се претставиме кај нашиот народ и на овој континент не’ прави навистина среќни и се надеваме дека ќе се претставиме во најдобро светло – изјавија од Солза и Смеа .

Насловот на претставата е Тројца Зетој за Нада, а презентираа и колаж од скечови, потсетувајќи на сцени и ликови доловени на карактеристичен битолски, а на моменти и прилепски дијалект.

– Битолскиот дијалект пред се самиот по себе е смешен за луѓето од останатите делови на Македонија каде се зборуваат други дијалекти, како и за нашите во дијаспората каде е навистина пријатно да се слушне чист македонски дијалект – велат од Солза и Смеа.

Актерите инспирацијата ја црпат, како што изјавија за Тера телевизија, од секојдневниот живот, од весници, вицеви кажани од постарите, случки и вистинити настани, анегдоти и слично, преадаптирани на својствен начин на Солза и Смеа.

Инаку овој театар е формиран во далечната 1996 година од неколку млади театарски ентузијасти како драмска аматерска група, поминувајќи неколку генерации на актери за денес да прерасне во популарен театар кој има бројни настапи низ цела Македонија а и пошироко. Оваа година ја одбележаа 20 годишната со претставата Аудиција.

Моментално на турнејата која ќе трае до 3 ти ноември, се Александар Димитровски, Марјанчо Ѓоргиевски, Никола Тргачевски, Димитар Михајловски, Бојан Стојков и Валентина Кожовска.

После Торонто турнејата продолжува во големите американски центри каде што живеат Македонци: Краун Поинт, Колумбос, Њу Џерси, Детроит.

Од Торонто, Канада за Тера

Соња Лозановска