Уставниот суд дозволи помилување за изборен криминал

0
502

Со мнозинство гласови Уставниот суд денеска го изгласа укинувањето на Законот за изменување и дополнување на Законот за помилување од 2009 година. Одлуката донесена на затворена седница.

Според очекувањата, мнозинството судии во Уставниот суд препладнево одлучија да ги укинат измените во Законот за помилување од 2009 година и на тој начин повторно да овозможат помилување на лица кои, меѓудругото, се обвинети за изборен криминал.

Одлуката ќе стапи во сила по објавувањето во Службен весник на РМ. Судот соопшти дека одлуката и образложението за неа ќе бидат објавени на интернет-страницата на Уставниот суд.

Претходно Судот одлучи да заседава на затворена седница, исклучувајќи ја на тој начин јавноста од својата работа. Новинарите побараа писмена одлука и образложение зошто седница на Судот е затворена за јавноста, но не добија одговор. Досегашната пракса беше седниците на Судот да бидат отворени за јавност.

На одлуката на Судот реагираше и Амбасадата на САД во Скопје. „Зошто Уставниот суд ја затвори денешната седница? Транспарентноста е клучна за секоја институција“, се огласи амбасадата преку својот Твитер профил.