Усвоен законскиот предлог за зголемување на минималната плата на 12.000 денари

0
1785

„Честитки до работниците, вечерва Владата усвои предлог за измени на Законот за минимална плата“, објави министерката за труд и социјална политика Мила Царовскана социјалните медиуми.

Со усвоените законските измени, посочуваат од Владата, почнува процедурата за зголемување на минималната плата на 12.000 денари. Исто така, додаваат од Владата, ќе се овозможи исплаќање на иста висина на минимална плата за сите вработени во Република Македонија кои примаат минимална плата, а ќе се обезбеди и финансиска поддршка за фирмите од Буџетот на Република Македонија за да ја исплаќаат договорената повисока минимална плата.

Усвоените измени на предлог-законот, Владата ќе ги достави до Собранието на Република Македонија на разгледување и усвојување.

Со законот за минимална плата се утврдува висината на минималната плата, како и други прашања што се однесуваат на минималната плата. Минимална плата е најнискиот месечен износ на основна плата која работодавачот е должен да му ја исплати на работникот за работа извршена за полно работно време и исполнет нормиран учинок.

Право на минимална плата, според одредбите од на Законот за минимална плата, имаат сите работници. Работникот што работи со скратено работно време, за времето поминато на работа, има право на сразмерен дел од минималната плата.

Висината на минималната платасе пропишува во постоечкото законско решение, изнесува 10.080 денари во нето-износ. Во предложените законски измени што треба да се најдат пред пратениците се предвидува износот на минималната плата да биде 12.000 денари.

Без коментари