Утре истекува рокот за пратеничките листи

0
205

До утре на полноќ политичките партии и независните кандидати ќе треба да ги достават листите на кандидати за пратеници до Државната изборна комисија (ДИК), кога истекува рокот за пријавување. Дотогаш ќе трае и увидот во избирачкиот список.

Досега само Социјалдемократскиот сојуз ги утврди комплетните кандидатски листи со кои ќе настапи на предвремените парламентарни избори. Претходно Демократската партија на Албанците објави дека нивниот лидер, Мендух Тачи, ќе биде носител на кандидатската листа во шестата изборна единица.

Од ВМРО-ДПМНЕ информираат дека законска обврска е да ги достават листите до петок на полноќ (11 ноември), а за тоа како и дали ќе ги промовираат, ќе известат дополнително.

Од ДИК велат дека откако партиите ќе ги достават листите, Комисијата има рок од 48 часа да ги разгледа. Доколку нешто не е во ред со имињата на листите и треба да се поправи или дополни, тие им се враќаат на партиите, кои, пак, имаат уште 48 часа да реагираат и да ги вратат исправни.