Утре второ пријавување за средно во првиот уписен рок

0
550

Во јавните средни училишта во Македонија утре ќе се спроведе второто пријавување во јунскиот рок за упис во прва година во учебната 2017/2018 година, а резултатите за запишани ученици ќе бидат објавени следниот ден, 6 јули. На првото пријавување во јуни, спроведено на 28-ми и 29-ти минатиот месец, од пријавените 17.179, примени беа 11.205 ученици.

Министерството за образование и наука информираше дека слободни места во второто пријавување во првиот рок има за вкупно 24.529 ученици во јавните средни училишта во сите општини во Република Македонија иако, како што претходно објави, уписот во некои училишта е завршен во првото јунско пријавување, претежно во гимназии и во медицинската струка.

За учениците кои и во второто пријавување во јуни нема да се запишат во средно училиште, има и втор рок за упис – на 24 август, а училиштата кои и во двата рока нема да ги пополнат местата ќе запишуваат ученици до 31 август.

Средното образование стана задолжително за сите ученици од учебната 2008/2009 година, согласно со измените на Законот за средно образование.

Во учебната 2016/2017 година деветто одделение завршија 20.712 ученици.