Утре започнува вакцинирањето против сезонски грип

0
885

Од утре започнува превентивната вакцинација. Граѓаните ќе можат да се вакцинираат во Центарот за јавно здравје Битола, а вакцината чини 400 денари. Вакцината на холандскиот производител „Абот“ е направена согласно препораките на Светската здравствена организација и штити од три типа вирус на грип и тоа од типот А (Х1Н1), типот А (Х3Н2) и од групата Б.

-Се работи за вакцината на „Абот“ од Холандија, „Инфлувак“ која исто беше аплицирана и минатата година. Не сме имале проблеми со вакцината, изјави д-р Тони Коњановски, Центар за јавно здравје Битола.konjanovski

Вакцината е најмногу препорачана за ризичните категории. Најризични категории се лицата кои страдаат од хронични белодробни заболувања, нарушен имунитет, дијабетес и слично. Може да ја примат бебиња од 6 месеци, а крајна граница нема. Во Битола имало здравствена култура, а секоја година интересот за вакцинирање бил голем, особено кај лицата над 60 години, велат од Центарот за јавно здравје.

-Вакцината кај нас нема практика да се применува кај помладите. Минатата година само 15 деца се вакцинираа од 0-14 години, за разлика од европските земји каде што на таа возраст децата се вакцинираат, особено оние со астма и белодробни заболувања, вели Коњановски.

Кој не треба да ја прими вакцината?vakcina 1

-Вакцината е развивана на ембрион на јајце, па така не треба да да ја примат оние кои се алергични на јајце, алергични на гарамицин, кои во моментот имаат покачена температура или влошена хронична состојба, вели Коњановски.

Вакцината не смеат да ја примат и бремени до третиот месец, може да се прими после четвртиот месец. Вакцинирањето ќе се врши во Центарот за јавно здравје од понеделник до петок од 7:30 часот до 17:30 часот, а ќе се вакцинира и во сабота од 8:00 до 13:00 часот.

-Пожелно е да се прими сега, октомври, до почетокот на ноември за да може подготвено да се дочека пикот на грипот кој на ова подрачје е од средината на февруари до март. Вакцината има дејство од 6 до 12 месеци, вели Коњановски.

Во Центарот за јавно здравје Битола се дистрибуирани 4000 вакцини, од кои 2600 се за Битола, Новаци и Могила, 700 за Кичево, 600 за Ресен и 250 за Демир Хисар.