Утврдена листата на кандидати за членови на ДИК

0
888

Собраниската Комисија за прашања за изборите и именувањата денеска ја утврди листата на кандидати за членови на Државната изборна комисија (ДИК). Откако ќе минат сите рокови за изјаснување на политичките партии, се очекува до крајот на идната недела ДИК да го добие целиот деветчлен состав – по два од  ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, по еден член од ДУИ и ДПА и три експерти. Според измените во Изборниот законик, претседател и потпретседател на ДИК ќе бидат од редот на експертите.

Од партиски редови се пријавиле 15 луѓе, 37 експерти и речиси сите од досегашниот состав на ДИК, со исклучок на претседателот Никола Рилковски.

Комисијата ќе го извести претседателот на Собранието за утврдување на листата, кој, пак, треба да ги извести политичките партии дека во рок од три дена треба да му достават предлог-кандидати за членови на ДИК.

Од ВМРО-ДПМНЕ меѓу пријавените е пратеничката Силвана Бонева, но и Влатко Сајковски, Сашо Срцев, Анета Стефановска, кои и досега беа членови на ДИК. Кандидати на ДПА се Бедредин Ибраими и Надише Ибраими, се шпекулира дека член на ДУИ ќе биде Субхи Јакупи, а претставници на СДСМ можат да бидат Игор Милев и Виолета Дума. На огласот е пријавен и поренешниот пратеник на СДСМ Есад Рахиќ, а се појавуваат и имињата на Ирина Петровска и Викторија Аврамовска – Мадиќ.

За трите експертски места во новиот состав на ДИК, меѓу другите се и Сотир Костов, колумнист и аналитичар, потоа професорот Стефан Буџаковски, Костадин Бабунски, Реџеп Јакупи, Игнат Стефановски, новинарот и уредник на политичката редакција на весникот „Вест“, Горан Трпеноски, потоа Зоран Стојановски, Љиљана Мизрахи, Фатон Бејта, Бојана Наумовска, Љупка Гугучева, Беќер Исени, Реџеп Прекупца…

Соглaсно договорот од Пржино, комисијата ќе има зголемени надлежности. Комисијата ќе има право да поднесува кривични и прекршочни пријави. Секој избирач на кого му е повредено лично избирачкото право во секоја фаза од изборниот процес, може да поднесе приговор до ДИК во рок од 24 часа.

ДИК се споменува и во однос на министрите и нивните заменици во преодната влада. Заменикот и министерот рамноправно ги разгледуваат и потпишуваат сите акти и документи што се однесуваат на правните, финансиските и кадровските прашања поврзани со организацијата на изборите. Заедно се должни веднаш, а најдоцна во рок од еден ден да одобрат или одбијат акт. Во случај на несогласување за прашање врзано за изборите, надлежна да одлучи е Државната изборна комисија.

Без коментари

LEAVE A REPLY