Вардар пишува историја: Прво финале во лига на шампиони

0
543

Вардар не направи изненадување во Келн, иако го победи осумкратниот европски првак Барселона со 26-25 (13-12). Напротив заслужено стигна до првото финале во историјата на машкиот клупски ракомет, покажувајќи дека тимот е најважен. Во финалето утре противник ќе ни биде ПСЖ.

Во 11 меѓусебен дуел, првпат Вардар ја победува Барселона, и тоа во најважниот натпревар.
Лука Циндриќ донесе радост на клупата, дилириум на трибините постигнувајќи го победничкиот гол во последните секунди од средбата.

Вардар одигра фантастично и во второто полувреме постојано ги имаше „конците во свои раце”, дури и кога Барселона успеа да направи пресврт и да поведе со 22-21 и 23-22. Се друго беше во знакот на Вардар, на „црвено-црната” боја. На крајот малку трепереа срцата, но таа позитивна трема беше преточена во триумф.

Најмногу поради многуте технички грешки на Вардар во првото полувреме, шпанскиот тим во поголем дел имаше водство. Во 13 минута Барселона првпат се одлепи на 5-8. Но, тоа не ги обесхрабри играчите на Вардар. Во нападот Вуко Борозан ги имаше наместено своите нишански справи, и постигна пет гола. Го чекавме моментот кога нападот ќе почне добро да функционира, бидејќи во одбрана иако примавме голови, игравме добро.

Се очекуваше тврда игра, а по почетните, по малку нервозни минути, полека фаќавме приклучок во играта, и ги користевме своите шанси. Се мачевме за секоја шанса, за секој гол, се беше изработено, и како резултат на тоа доаѓаа и головите. Беше очигледно дека двата тима добро работеле на подготовка на натпреварот, па речиси за секое оружје што дотогаш го покажуваа во лигата на шампионите сега беше оневозможено. Мораше да се бара друга игра што ќе донесе голови.

Ни требаа 17 минути за да го израмниме резултатот по вторпат. По почетните 2-2, дури во 23 минута израмнивме, на 10-10. Потоа уште еднаш, 11-11, а во последните две минути и првпат имавме водство 12-11. Иако последниот напад го имаше Барселона, нашиот Арпад Штербик одбрани за задржување на водството, 13-12.

rkvardar.mk