Вардар тестира колумбиски напаѓач

0
331

Фудбалерите на Вардар, во средата, во клупскиот тренинг камп ги започнаа летните подготовки во пресрет на наредната натпревувачка сезона.

На првата прозивка, покрај стандарните играчи кои ја освоија титулата, се појави и напаѓачот од Колумбија, Јон Адолфо Обрегон (26), кој наредниот период ќе биде на проба. Колумбиецот, минатата сезона настапуваше за Етникос од Ахна, каде што постигна три погодоци на 11 одиграни средби во најсилното првенство на Кипар.

Во неговата досегашна кариера, исто така има играно и за колумбиските ЦБЈ Кали и Бојака Чико, потоа боливиските Ла Паз и Насионал Потоси, тајландскиот Рачабури, бразилскиот Гуарани и катарската Ал-Рифа.

Шанса да се изборат за место во првиот тим ќе имаат и тројца играчи од младинскиот погон, кои наредниве денови ќе тренираат заедно со сениорскиот состав. Конкретно станува збор за капитенот на младинците Есмин Личина, кој беше дел и од зимските подготовки во Анталија, како и офанзивните крила Ердон Даци и Виктор Димков.