Вчера за избори, денеска за специјален јавен обвинител, утре пак за избори

0
1608

Вчера по петчасовните преговори на работната група за спроведување на договорот од Пржино за надминување на политичката криза ниту еден од учесниците официјално не даде никаква изјава. Денеска во Клубот на пратениците во Скопје ќе се разговара за специјалниот јавен обвинител.

Она што може да се дознае за вчерашниот тек на преговорите е дека бил постигнат некаков напредок во однос на прочистувањето на Избирачкиот список и за надлежностите на Државната изборна комисија. Се разговарало за активна регистрација на гласачите неколку месеци пред изборите или пак за теренска проверка. Дилемата околу активната регистрација е дали таа да биде задолжителна или не, а пак теренската проверка од врата до врата практично би бил попис на населението за што е потребно многу време и пари.

По завршувањето на средбата вчера без коментар си замина и белгискиот експерт Питер Ванхојт, медијаторот за изборните теми.

Во однос на гласањето на дијаспората, дознаваме дека немало приближување на ставовите. Разговорите на претставници на четирите најголеми политички партии ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ и ДПА на тема избори ќе продолжат утре, а за денеска е закажана средба на  работната група на чиј дневен ред ќе биде специјалниот јавен обвинител.

Според договорот од Пржино специјалниот јавен обвинител ќе треба да ги истражува сите сомневања што произлегуваат од прислушуваните разговори. Медијатор за оваа тема е ирскиот експерт Џејмс Хамилтон. Специјалниот јавен обвинител треба да биде избран најдоцна до 15 септември, две недели по враќањето на опозицијата во Собрание.

За време на двонеделната пауза премиерот Никола Груевски изјави дека ќе се почитуваат роковите од Пржино, ако опозицијата сака да биде конструктивна. Зоран Заев, претседателот на СДСМ, пак, рече дека искуството од минатото ги научило дека не треба да се базираат на оптимизам, туку на реализам.

Опозицијата најави дека материјалите од прислушуваните разговори ќе ги предаде на новиот обвинител кој според договореното треба да има целосна автономија во своето работење, стручен тим соработници и да не биде временски ограничен.

Денеска е можно да се отвори и прашањето за кадровските предлози на партиите за тој кој би можел да биде специјален јавен обвинител.

www.mkd.mk