Вечер на хрватски танци и песни во Битола

0
425

Дел од хрватските танци и песни во Битола во Центарот за култура, ги пренесе фоклорниот ансамбл Темпет од Макарска, Хрватска. Концертот беше во организација на хрватскиот културен центар и македонско хрватското друштво Марко Марулиќ Битола, во соработка со Центарот за култура Битола и КУД. Мирче Ацев Прилеп.

– Бидејќи јас сум од Далмација, посебно ми е драго што во Битола гостува ансамбл од таму. Се работи за доста реномиран хрватски ансамбл, сум ги гледала и во Хрватска, а еве сега и тука-истакна амбасадорката на Хрватска во Македонија, Данијела Баришиќ и додаде – Значајно е луѓето во Македонија да видат и да се запознаат со дел од хрватските обичаи.

Фолклорниот ансамбл Темпет е основан во 2004 година и веќе 13 години активно дејствува како здружение на граѓани чија основна дејност е потикнување, развој на хрватската култура и фолклорното поле.

Името го добива по истоимениот макарски староградски танц.

Иако млад ансамбл, кој е основан во средина која не е традиционално фолклорна, се издвојува по своите настапи.

Веќе 8 години се одржува меѓународниот етно фестивал во Макарска во организација на Темпет.

Денес Темпет брои 60 -тина членови од сите генерации, а посебно ги издвојуваат детските фоклорни групи.

-Културата не познава граници и ова е одличен начин да презентираме дел од нашите обичаи во Македонија. Ние сме збратимени со Кавадарци, па освен ова гостување често доаѓаме со нашето музичко училиште, карневалските групи и слично-изјави советникот за култура при општината во Макарска – Дражен Кузманиќ.

Концертот во Битола беше во рамките на турнејата на Темпет во Македонија, пред се како дел од концертот на КУД. Мирче Ацев од Прилеп, кој ансамбл одбележа јубилеј од 70 години постоење.

Со овој македонски фолклорен ансамбл Темпет соработува веќе 7 години, имено минатата година КУД. Мирче Ацев беа гости во Макарска, каде изведоа повеќе концерти.

Специјални гости на концертот во Битола беа КУД. Илинден и асоцијацијата за фолклор Плетенка, а како дел од истиот, традиционалните хрватски песни ги изведе вокалниот состав при Темпет.

Хрватскиот кутурен центар и македонско хрватското друштво Марко Марулиќ од Битола повеќе од 25 години работи на промоција на хрватската култура во Битола и Македонија, но и македонската во Хрватска.

-Веќе сега договоривме уште една соработка со Макарска за оваа година. За неколку месеци ќе ни гостува вокалниот состав при Темпет или некоја макарска клапа-изјави координаторот на хрватскиот центар Бранко Маретиќ.

Повеќе од 25 години во рамките на активностите на овој центар се многубројни концерти, претстави, гостувања на хрватски групи, изведувачи, културно уметнички друштва од Хрватска, како и македонски во Хрватска, збратимување на општина Новаци со општина Дуги Рат од Хрватска, општина Ресен со општина Муртер и многу други активности.