Вечерва започнува Битфест

0
157

Со концерт на филмска музика во Народниот театар во Битола, Битолскиот камерен оркестар вечерва ќе го отвори јубилејното, десетто по ред издание на „Битфест 2015″. На манифестацијата ќе се одржат над 180 културни настани.- Концептот „Битфест” еднакво им дава шанса и на искусните уметници, но и на алтернативната уметност. Во изминатите девет години се одржале над две илјади настани со вкупно 30 илјади учесници и над половина милион посетители – информира градоначалникот на Битола, Владимир Талески, кој е покровител на манифестацијата.

Програмата на „Битфест 2015″ ќе биде шаренолика и ќе содржи од детски програми до концерти на сериозна и популарна музика, ликовни изложби, театарски претстави и др. Настапи ќе имаат музичари од Израел, а и годинава публиката ќе има шанса да погледне оперска изведба. Ќе се одржи и музичкиот настан „Широк сокак во бело”. Директорот на Битолскиот народен театар, Валентин Светозарев, го најави и најновото издание на „Битола Шекспир фестивалот” од 22 до 28 јули, на кој ќе настапат актери од Холандија, Србија, Соединетите Американски Држави и од Македонија.