Велс е сензацијата на ЕУРО 2016 и обезбеди полуфинале

0
418

Фудбалерите на Велс, дебитанти на континеталните првенства, приредија вистинска сензација на Европското првенство, откако во четвртфиналето со 3-1 ја совладаа Белгија. Велс е првата селекција од Велика Британија која по пауза од 20 години избори пласман меѓу најдобрите четири селекции во Европа.

Дебитантот на континеталните првенства, Велс, продолжува да го живее својот сон, откако целосно ја надигра Белгија, репрезентација која важеше за еден од фаворитие за титулата.

Велс, односно селекторот Крис Колмен, тактички целосно го надигра Марк Вилмотс, кој уште еднаш потврди дека нема капацитет да ја предводи оваа исклучително талентирана генерација на белгиски фудбалери.

Борбените Велшани добро ги затворија приодите кон својот гол, а благодарени на Рамзи и Ален целосно ја добија битката на средината од теренот.

Белгија фурозно влезе во мечот, во еден ист напад чисти шанси не реализира најпрвин Караско, а потоа и Миние. Теренската доминација Белгијците ја материјализираа во 13.минута кога Наинголан од 30-тима метри постигна прекрасен гол.

Од тој момент на теренот постоеше само еден тим, Рамзи започна да диригира со играта на Велс, кој израмни во 30.минута преку капитенот Вилијамс. Рамзи изведе корнер, во срцето на шеснаесетникот Вилијамс беше оставен сам и не му беше тешко со глава да го совлада Куртоа.

Белгија започна поангажирано во второто полувреме, но нивниот налет го спречи Робсон-Кану, кој во 55.минута постигна спектакуларен гол. Бејл повлече полуконтра на десната страна го исфрли Рамзи, овој нафрли од прва, топката стигна до Робсон-Кану кој со еден потег исфрли тројца белгиски играчи (Фелаини, Муние, Денајер), остана сам пред Куртоа и рутинирано ја погоди мрежата.

Белгија потоа се обидуваше да стигне до израмнување, но нивните акции беа незидејни, а и Вилмотс бавно регираше со измените.

Казната за таквата игра ги стигна во 85.минута, кога Воукс, кој неколку минути претходно го замени Робсон-Кану, со глава по трет пат ја погоди мрежата на Белгија.

Велс во полуфиналето ќе биде значително ослабен бидејќи поради жолти картони нема да може да настапи Рамзи, кој со пет асистенции е најдобар во оваа категорија на ЕП.

Полуфиналето Велс-Португалија ќе се одигра на 6.јули во Лион.