Видео: Хаос во Грција поради мерките за штедење: судири на улиците

0
338

Во Атина избија судири меѓу полицијата и демонстрантите што протестираат против новите мерки за штедење, кои по барање на странските кредитори сега ги разгледува Собранието на Грција.

Група демонстранти се судрија со полицијата откако заврши протестот, на кој имаше околу 12.000 луѓе. Тие фрлаа димни бомби на полицијата, а таа возврати со солзавец.

На вториот, вечерен протест пред Собранието на Грција, демонстрираа повеќе од 3.000 полицајци, пожарникари и крајбрежни чувари, лути поради најавеното намалување на платите. Некои од нив се обидоа да влезат во зградата на Собранието.

Новите мерки за штедење вклучуваат уште едно намалување на платите и пензиите и зголемување на даноците, што коалициската влада на Алексис Ципрас го прифати за да добие нов заем од меѓународните кредитори.

Денес, во центарот на Атина имаше повеќе протестни групи со илјадници луѓе, кои не сакаат да ги прифатат новите намалувања на платите и пензиите, а еден од синдикалните слогани беше „Не нов грабеж на платите и пензиите“.

Полициските синдикалци закачија голем црн транспарент под црквичката на врвот на карпестиот рид Ликавитос во центарот на Атина, видлив од Собранието, на кој на германски и на грчки пишуваше: „Колку вреди животот на грчкиот полицаец“.

Поради генералниот штрајк јавните болници нудеа само итна помош, возовите и бродовите не сообраќаа, како ни автобусите, тролејбусите, метрото и трамваите во Атина.

Судовите, исто така, беа затворени, а не работеа ни адвокатите ни нотарите.

Грција зависи од меѓународната помош од 2010 година. За да добие средства мораше да ги намали платите, да ги зголеми даноците и да спроведе реформи за зголемување на буџетските приходи, но продлабочената рецесија избриша четвртина од стопанството, а речиси секој четврти вработен остана без работа.

Во рамки на третиот договор за меѓународна помош, Грција мораше да спроведе низа темелни економски реформи за да добие позајмица.

mkd.mk