Викиликс нуди 100 илјади долари за снимка од разговорот меѓу Трамп и бившиот шеф на ФБИ

0
646

Викилкс објави дека се спремни да платат 100.000 долари за снимка од разговорот на американскиот претседател Доналд Трамп и доскорешниот директор на ФБИ Џејмс Коми.

Пораката ја испратија преку Твитер само неколку часа откако Трамп го предупреди Коми да не оддава премногу информации на медиумите за нивната средба.

Американскиот претседател денес изјави дека за сменетиот директор на Федералното истражно биро, кој наводно кажал дека Трамп од него барал лојалност, би било подобро да нема снимка од нивниот разговор.

Њујорк тајмс пренесе дека колегите на Коми изјавиле дека на вечерата на поранешниот директор со Трамп во јануари, од него била побарана лојалност. Коми, според тврдењата, тоа го одбил и понудил „чесност“.

Кога Трамп потоа го притиснал да му даде „чесна лојалност“, Коми му кажал на американскиот претседател „ќе го добиете тоа“, изјавиле колегите, кои за Њујорк тајмс изјавиле дека се сложиле да не го откриваат тоа сѐ додека Коми е директор на ФБИ.

Трамп веднаш ги негираше тврдењата.

„Џејмс Коми треба да се надева дека нема „снимки“ од нашиот разговор пред да почне да проследува (информации) до медиумите!“, напиша Трамп денес на Твитер.

Трамп денешниот ден го почна со низа пораки на социјалната мрежа во кои ги демантира тврдењата дека луѓето од неговиот предизборен штаб биле во контакт со Москва.

„Повторно, приказната дека имало договор меѓу Русите и штабот на Трамп ги измислија демократите како изговор за поразот на изборите“, истакна Трамп.

„Лажните медиуми денес работат прекувремено“, напиша Трамп на Твитер.