Владата го скрои ребалансот на Буџетот, расходите намалени за 47 милиони евра

0
639

Владата го скрои ребалансот на Буџетот на 2017 година , според кој што проектираните расходи се намалени за 2,9 милијарди денари, соопшти премиерот Зоран Заев на прес-конференција.

„Основната цел кон која стремеше Владата беше да креираме ребаланс кој на најдобар можен начин ќе ги усогласи разликите од проектираното и оствареното, како и да се предложи буџет кој ќе овозможи реализација на политиките од програмата на новата Влада за кои дадовме ветување пред сите граѓани на Република Македонија дека ќе бидат остварени според  предвидената динамика.

Преку овој ребаланс, ќе се овозможат услови за непречено спроведување на финансиските политики на новата Влада и со тоа ќе се создадат неопходните услови за сервисирање на граѓаните и на економијата во земјата.

Основниот инструмент што го применивме за овој ребаланс беше да ги скратиме непродуктивните трошоци со што постигнавме заштеда на значајни финансиски средства кои ќе бидат наменети токму за потребите на граѓаните.

Треба да имаме предвид дека ребалансот на буџетот не е нов буџет, туку станува збор за негова адаптација, при што ваквото прилагодување е направено со проекција со која приходите за наредниот период се сведени на реални очекувања, а буџетскиот дефицит не е зголемен, односно е проектиран на 2,9 отсто од бруто домашниот производ.

Ребалансот на буџетот е правен и врз основа на проекциите за растот на економијата, односно бруто домашниот производ. Проекцијата на претходната влада била дека БДП-то за 2017 година ќе изнесува 3 отсто. Имајќи предвид дека во првиот квартал растот на БДП-то изнесуваше 0 отсто, нашите проекции се дека до крајот на годината ќе постигнеме раст од 2,2 отсто. Тоа е реална проекција, ако имаме предвид дека Светската Банка ни предвидуваше 2,8, а Народната Банка на Македонија 2,7 отсто.

Овие интервенции и вака дизајнираниот ребаланс се резултат на домаќинското работење на оваа Влада.

Дозволете ми да го аргументирам овој наш став. Имено, измените кои обезбедуваат домаќинско работење и ребаланс на буџетот се однесуваат на:

   Ревидирање на приходната страна на буџетот за 1,5 отсто надолу, односно за 2.907 милиони денари, во согласност со остварувањата во првите шест месеци од годината.

   Реалоцирање на средства помеѓу буџетските корисници наменети за исплата на плати.

   Алоцирање на дополнителни 1245 милиони денари во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување за да се обезбеди непречена исплата на пензиите и трошоците за вториот пензиски столб, нешто што требало да биде проектирано уште при проекциите на буџетот, како и дополнителни 200 милиони денари за навремена исплата на СИТЕ загарантирани социјални права на граѓаните на Република Македонија.

   Намалување на сите непродуктивни трошоци на Владата и на сите нејзини институции како што се службените патувања, репрезентации, економски промоции и рекламирање. Во оваа насока трошоците се намалуваат за повеќе од 10 отсто.

Кога сме кај овие трошоци, сакам да ве известам дека најголемо кратење во оваа ставка е направена кај буџетот на премиерот, или ставката Влада на РМ.

Вкупните средства со ова кратење од премиерскиот буџет изнесуваат нешто повеќе од 420 милиони денари. Тоа се средства кои беа планирани да бидат потрошени за кампањи, емитување и реемитување на рекламни спотови во странство, како и за селективна распределба на одредени граѓански органзации.

Колку за споредба, во досегашната пракса ниту еден ребаланс на буџетот не посегнувал по кратење на премиерскиот буџет. Напротив, буџетот на претходните премиери од година во година само растел.

Почитувани,

Овој ребаланс, што го ставаме на усвојување пред пратениците во Собранието, потврдува дека оваа Влада со своето домаќинско работење покажува конкретна грижа и поддршка за граѓаните на нашата земја, за подобрување на животниот стандард, како и за поддршката за малите и средни претпријатија.

Токму во оваа насока со измените и дополнувањата на Буџетот за 2017 година се обезбедени средства за:

   Субвенционирање на минималната плата, со цел истата да изнесува 12 илјади денари, од први септември. Со оваа мерка се предвидува владата да субвенционира околу 70 отсто од потребниот пораст на бруто платата, а со оваа мерка ќе бидат опфатени околу 70 илјади наши вработени сограѓани;

   Со ребалансот на буџетот трајно ќе се реши проблемот на стечајните работници кои досега не беа опфатени со постојните законски решенија. Тоа се сите овие наши сограѓани кои со години, и на лето и во студови протестираа ширум земјата. Со оваа мерка ќе бидат опфатени околу 3000 лица и нивните семејства кои ќе се стекнат со право на месечен надомест;

   Кратењето на непродуктивните трошоци во буџетот ќе обезбеди и поддршка на домашниот туризам, преку субвенционирање годишен одмор за  работниците со ниски приходи во износ од 60 милиони денари. Тоа се пред сѐ работниците од кожарската и текстилната индустрија. Тоа значи поддршка и за туристичките капацитети во Република Македонија и годишен одмор за најслабо платените работници.

Тоа го обезбедува оваа Влада со измените и дополнувањата на буџетот за 2017 година.

И тоа не е се’:

   Со износ од 9 милионии евра, или приближно 500 милиони денари, ќе се дополнат активните политики и мерки за поддршка за нови вработувања. Кога го најавуваме ова пред сѐ ги имаме предвид младите и проектот „Гаранција за млади“ како дел од програмата на оваа Влада, со што на секој млад човек државата ќе му понуди или вработување, или дошколување, или практика и тренинг, за да биде конкурентен на пазарот на трудот, за да сака да останe да живеe и да работи во својата земја, Македонија;

   Со околу 135 милиони денари ќе се обезбеди поддршка за малите и средни претпријатија како и за поддршка на домашни гринфилд инвестиции. Тоа значи, штом ќе се донесе ребалансот на буџетот, условите што важеа за странските компании, од истиот момент ќе важат и за домашните компании. Поддршка во делот на ослободување од  даноците, персоналниот и данокот на добивка, директна поддршка во инфраструктурата, директна државна помош во зависност од бројот на работни места, како и во зависност од степенот на користењето на суровини од домашно потекло;

   Со овие измени и дополнувања на буџетот се обезбедуваат 500 милиони денари за поддршка во привлекувањето донации од ИПА програмата за интензивирање на активностите поддржани од Европската Унија, во предпристапниот период на нашата земја во евроинтеграциите.

   Ќе го поддржиме проблемот на земојделците којшто циклично се јавува секое лето и есен со директен државна интервенција со конечна цел да ги заштитиме земјоделците во делот на постигнување на онаа цена која што за нив значи минимум трошоци во нивното работење. Од први септември ќе почнеме со решавање на акутни прашања за земјоделските работници и со животот на село. Ќе почнеме со постапка на нивелирање и тампонирање на полски патишта ширум цела Македонија во вкупна вредност од 30 милиони денари, и уште неколку друг мерки кои тековно ќе ги најавуваме.

Од макроекономски аспект ќе се задржам на само неколку поенти.

Приходите од даноците било предвидено да се остваруваат со стапка од 8,9 отсто, додека Министерството за финансии оваа стапка ја проектира на 6,9 отсто.

Вкупните приходи претходната владина гарнитура ги планираше во висина од 187,6 милијарди денари, додека нашите проекции за до крајот на годината се задржуваат на бројката од 184,7 милијарди.

Расходите биле позиционирани на 206, 2 милијарди денари, додека со овој ребаланс тие се проектираат на 203,3 милијарди.

Проектираниот буџетски дефицит за оваа година е 18,6 милијарди денари, односно 2,9 отсто од Бруто домашниот производ, односно тој не е зголемен ако се знае дека претходната влада го позиционираше на 3 отсто“ рече премиерот Заев.

 

Без коментари