Владата на Трамп е побогата од голем број држави

0
160

Од победата на Трамп мина речиси еден месец, а новоизбраниот претседател на САД полека ја формира својата влада. Веќе е јасно дека администрацијата на Трамп ќе биде побогата од која било досега во Белата куќа, но вкупното богатство на најблиските соработници на Трамп е поголемо од буџетите на голем број земји во светот.

Сајтот Политико се позанимавал со богатството на најблиските соработници на Трамп, а пресметката гласи: имотите на 23-те луѓе кои ќе седат во Белата куќа следните четири години плус богатството на новиот претседател (за кое тој тврди дека изнесува 10 милијарди) заедно даваат цифра од 35 милијарди долари. Тоа значи дека администрацијата на Трамп заедно ќе има повеќе пари од буџетите на некои помали земји – Боливија, Литванија или Брегот на Слоновата Коска, на пример.

Бетси Девос, која ќе ја преземе функцијата министер за образование, заедно со сопругот Дик Девос, „тежи“ 5,1 милијарди долари.

На Харолд Хам му се насменува местото министер за енергетика. Трамп го сака во својот тим, а доколку Хам се всели во Белата куќа, ќе биде убедливо најбогатиот член на новата администрација, побогат и од самиот Трамп. Нафтениот магнат од Северна Дакота има богатство вредно 15,3 милијарди долари.

Вилбур Рос, потенцијалниот секретар за економија (или министер за трговија) во Белата куќа ќе влезе со контроверзна биографија, со прекар „крал на банкротот“ и богатство кое се проценува на 2,9 милијарди долари.

Мит Ромни и Руди Џулијани, потенцијалните кандидати за позицијата државен секретар, се исто така богати, но не се милијардери. Богатството на Ромни се проценува на 250 милиони долари, додека сметката на Џулијани е далеку помала – според некои проценки изнесува „само“ 45 милиони.

Џеф Сешонс, државниот обвинител на својата сметка има нешто повеќе од седум милиони долари.

Бен Карсон, кандидатот за министер на станбена изградба и урбан развој, е угледен американски хирург вреден 30 милиони долари.

Стив бенон, главниот стратег и прв советник, заработил многу од учеството во шоу програмата „Зајнфелд“, а според некои проценки таа сума изнесува десет милиони долари.

Гледајќи ги имињата кои би можеле да се најдат во неговиот кабинет, сето ова тешко можеше да се претпостави. Трамп всушност победи обраќајќи им се на обичните луѓе како борец за осиромашената средна класа и ветувајќи решенија за нивните проблеми. Сепак, во Белата куќа ги внесува најбогатите, што, како што заклучува Политико, е без преседан во американската историја.

http://www.mkd.mk/