Владата сепак го спасува Танјуг

0
215

По информациите дека српската новинска агенција Танјуг и официјално престана да постои, српската влада се обидува да најде решение за оваа агенција, пишува српски Блиц, повикувајќи се на извори во владата.

Тие истакнале дека и покрај наредбата за затворање на Танјуг, чии вработени ќе работат до крајот на ноември, владата проценила дека треба да се вложат напори за сепак да се најде решение.

„Идеално би било да се најде купувач, па времето до крајот на месецот ќе биде искористено за тоа“, изјавил извор од владата за Блиц. Меѓутоа, останува нејасно зошто не е најден купувач досега. Српскиот премиер Александар Вучиќ остро го критикуваше министерот за култура Иван Тасовац поради згаснувањето на Танјуг.

Српскиот министер потоа потврди дека Вучиќ бил против затворањето на Танјуг, но не и против почитувањето на законите, додавајќи дека „додека е тој министер, сé ќе биде според законите“. Тасовац порача дека медиумските закони биле усвоени во август 2014-та година и дека медиумите имале 15 месеци за процесот на приватизацијата.

„Исто толку време имаа луѓето во Танјуг и другите државни медиуми да побараат купувач или барем приватизациски советник. Точно толку време имаа, ако ништо друго, барем до Агенцијата за приватизација да поднесат барање за организирана бесплатна поделба на акциите“, навел Тасовац, истакннувајќи дека во тоа можело да помогне и новинарското здружение.

Во четвртокот за затворањето на Танјуг пишуваше и британски The Guardian, наведувајќи дека агенцијата се затвора по 72 години постоење и дека е „историска агенција“./крај/мф/бс