Владини претставници беа во контакт со кампањата на Трамп

0
173

Претставници на руската влада биле во контакт со членови на кампањата на Доналд Трамп пред одржувањето на претседателските избори во САД, соопшти денеска рускиот заменик-министер за надворешни работи, Сергеј Рјабков.

„Очигледно, го познаваме поголемиот дел од неговиот тим„, изјави Рјабков за агенцијата Интерфакс. „Тие луѓе отсекогаш биле во американскиот естаблишмент и на високи позиции. Не можам да кажам дека тоа е случај со сите, но неколкумина беа во контакт со претставници на Русија“.

Портпаролката на кампањата на Трамп, Хоуп Хикс, го порекна тврдењето, што е конзистентно со негирањето на Трамп за време на кампањата дека има каков било контакт со руската влада.

Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи Марија Закхарова, за телевизијата Блумберг изјави дека персонал од руската амбасада се сретнал со членови на кампањата на Трамп, што го нарече „нормална пракса“. Таа додаде дека кампањата на демократката Хилари Клинтон, одбила слични такви барања.

За време на изборната кампања, Трамп и рускиот претседател Владимир Путин разменија комплименти и изразија интерес за подобрување на односите меѓу обете земји. За горливите прашања околу руските воени активности во Украина и Сирија, Трамп беше понаклонет кон ставот на Москва, отколку на оној од Републиканската партија.

Путин му честиташе на Трамп за победата, вест што во рускиот парламент беше поздравена со аплауз.