ВМРО-ДПМНЕ бара увид во договорот со Бугарија

0
292

„ВМРО-ДПМНЕ е крајно загрижена од нетранспарентноста и леснотијата со која Заев пристапи на едно исклучително сериозно прашање како што е склучувањето на договорот со Бугарија.

Ова прашање задира во идентитетот и историјата на македонскиот народ и многу неодговорно е истото да се третира на ниво на секојдневна прес конференција и без сериозна анализа и без пошироки консултации да се најави потпишување на договорот кој експерти го работеа долго време и имаше многу отворени прашања по кои двете страни не може да најдат заеднички јазик.

ВМРО-ДПМНЕ бара увид во тоа што Заев договорил при посетата на Софија.

Македонскиот народ бара увид во содржината на договорот која што Заев се согласил да ја потпише.

Ваквите теми кои задираат во идентитетот на македонскиот народ не се и не смее да бидат ексклузивен интерес ниту на Зоран Заев, ниту на СДС. Овие теми се надпартиски.

За нас е разбирливо соседна Република Бугарија да има свои интереси и нив да ги брани и застапува. Тоа што не можеме и нема да го прифатиме е Зоран Заев сам да одлучува за темите кои се од интерес, а пред граѓаните ветуваше инклузивност и дебата за многу понесуштински прашања“ рече Трајко Велјановски од ВМРО ДПМНЕ.