ВМРО-ДПМНЕ ги напушти преговорите за медиумите

0
471

Преговарачкиот тим на ВМРО-ДПМНЕ попладнево ја напуштил средбата на работната група. Од канцеларијата на посредникот Ванхауте информираат дека преговорите денеска биле прекинати откако, претставниците на владејачката партија си заминале поради незадоволство од реакциите, во однос на нивните предлози. За СДСМ ова е продолжување на стратегијата на владејачката партија, на одолговлекување и непочитување на обврските, со кои се доведува во прашање Договорот од Пржино.

Пред почетокот на средбата, од ВМРО-ДПМНЕ брифираа дека дел од предлозите на Ванхауте, не се препознатливи за европските држави, а нивната партија како што велат се залага за решенија кои ќе бидат во согласност со европските стандарди. Како пример го посочуваат предлогот за избор на членови на Советот на Агенцијата, кои ќе треба да бидат предложени од невладини организации; од ВМРО-ДПМНЕ велат дека таков модел немало во ниту една европска држава. За нив е неприфатливо, како што велат Македонија да биде експеримент, туку ќе инсистираат на решенија кои веќе се применуваат во Европа.

За СДСМ, пак дел од мерките , кои меѓународната заедница ги предложи за изборот на членови на Советите на МРТВ и Агенцијата за медиуми ,се поклопуваат со ставот на СДСМ за департизација на регулаторните тела. Во однос на финансирањето на Јавниот сервис, велат дека и тие се на став да се укине радиодифузната такса, и да се одвои 1% од буџетот за МРТВ. За останатите предлози, од партијата на Заев велат допрва ќе бидат разгледувани на преговарачка маса.

Белгискиот посредник Питер Ванхауте вчера го презентираше предлогот на меѓународната заедница за медиумите, во чиј фокус беше Агенцијата за аудио и аудио визуелни медиумски услуги. Тој предложи:

-Членовите на Агенцијата за медиуми да се избираат во Собранието со 2/3 мнозинство

-Да имаат писмо за поддршка (најмалку две NGO, новинарски здруженија, два универзитета)

-Да поминат низ јавно сослушување

-5 години мандат со право на еден реизбор

-Директорот на Агенцијата да го именува Советот, и тој да има само извршна функција,т.е. да ги спроведува одлуките на Советот.

За реформите во МРТВ, реагираа од Синдикатот на вработените. Бараат МРТВ да се изземе од законот за ауидиовизуелни услуги и да се регулира со посебен закон, а во Советот да членуваат и дел од вработените кои ќе ги избвере синдикатот.

Партиите засега се далеку од договор, иако два пати ги пробија роковите. Во следниот период треба да најдат заеднички решенија за МРТВ, Агенцијата за медиуми, државната МИА и законот за медиуми.