ВМРО-ДПМНЕ: Изразуваме силно несогласување со постапката на претседателот Иванов

0
520

ВМРО-ДПМНЕ попладнево преку соопштение изрази несогласување со денешната постапка на претседателот Ѓорге Иванов.

„ ВМРО-ДПМНЕ со фрапираност и неверување ја проследи прес конференцијата на претседателот Ѓорге Иванов. ВМРО-ДПМНЕ не се сомнева дека претседателот Иванов секогаш имал чесни и добри намери и постапки, водејќи се од националните и државни интереси и идејата за национално помирување и единство, кое сметаме дека е секогаш потребно. Сепак во конкретниов случај би сакале да изразиме силно несогласување со оваа негова постапка“ се вели во соопштението.
Според ВМРО-ДПМНЕ, оние што ја предизвикале политичката криза преку интриги и деструктивно однесување треба и мора да одговараат.
„  Сметаме дека со овој потег се оневозможува нашата волја и напор да се разобличат сите конструкции, лаги и манипулации, кои ни беа наметнувани и беа насочени кон нас како дел на едно однапред смислено сценарио. Со многу работи со претседателот Иванов сме се согласувале и имаме високо мислење за него, затоа што секогаш се водел од државниот и национален интерес, но ова е прашање за кое имаме сериозни и длабоки несогласувања,“ наведува ВМРО-ДПМНЕ во соопштението.