ВМРО ДПМНЕ: Владата на Заев драматично се задолжува

0
193

ВМРО ДПМНЕ преку соопштение ја обвинува владата на Заев дека ја води Македонија кон економски крах и ја туркаат државата во банкрот.

„Во овие 100 дена од владеењето на СДС, се забележува пад на индексот на промет во индустријата. Во јули годинава во однос на јули лани, на домашниот пазар се бележи опаѓање од 3% односно 2.5% на странски пазари.

За прв пат се бележи  пад на просечната плата за 0.7%.

Откако СДС e на власт за прв пат после долго време имаме пад на индустриското производство за 2,2%.

Огромен е падот и на градежништвото за месец јуни од дури 25 %.

Расипничката влада на СДС, поради катастрофалните економски политики кои ги води во изминатиот период, успеа да ја повлече економијата во надолна линија.

Неодговорната влада на СДС, за само 100 дена владеење расипнички потроши над 350 милиони евра што по основ на аукции на државни хартии од вредност, што по основ на трошење на девизните резерви. Од граѓанските  пари не се реализираше ниту еден проект.

СДС и Заев  потрошија точно 57.470.439 евра на стоки и услуги. На сметка на граѓаните, преку тендери црпат пари од државната каса за семејните фирми, вработуваат партиски пријатели и купуваат скап мебел за своите кабинети. Овие расипнички потрошени пари на луксузирања ќе треба да ги враќаат идните генерации.

Како се приближува периодот за локалните избори, така СДС драматично се задолжува.

Владата на Заев, во Вторник најави ново задолжување за 60 милиони евра, каде долгот на граѓаните ќе се искачи на 280 милиони евра. Ваквото забрзано задолжување предизвикува сомнеж кај граѓаните дека СДС ќе троши пари за поткуп на гласови и корумпирани избори.

Се повикуваат надлежните институции и ДИК како дел од изборниот процес, да внимаваат и да не дозволат СДС  да поткупи гласови.

Ваквото сценарио, во кое Македонија се турка кон банкрот, граѓаните ќе ја казнат. На 15 октомври ќе кажат НЕ за СДС, НЕ за Заев“ стои во соопштението на ВМРО ДПМНЕ.