ВМРО ДПМНЕ за водоснабдувањето

0
286

-Сакам да упатам јавна благодарност од името на ОК ВМРО ДПМНЕ Битола до сите луѓе кои во изминатите 48 часа беа деноноќно вклучени во обезбедување непречено и непрекинато водоснабдување на градот Битола.

Убеден сум дека и сите битолчани го чувствуваат истото и се благодарни за натчовечките напори кои ги прават нивните сограѓани, а кои се вложуваат дури и сега, додека трае оваа прес конференција, сѐ со цел во градот Битола да не се почувствува недостаток на вода за пиење.

Сите сме свесни дека природата е многу поголема сила од човечкиот фактор и дека заради временската непогода што ја зафати Пелагонија во текот на зимата, заради големите поплави, сеуште ги чувствуваме последиците сега преку појавата на неколку свлечишта.

Како што изјавив и претходно, сметам дека е крајно нефер, прво кон вработените во институциите надлежни за водоснабдување во градот, а потоа и кон сите битолчани, да се злоупотребува временската непогода и последиците од неа за дневни евтини партиски поени.

Уште еднаш јавно апелираме до СДСМ да не ја манипулираат јавноста извртувајќи ја актуелната ситуација.

Временски непогоди имало и ќе има и во иднина, независно кој е на власт.

Како и секогаш досега, институциите предводени од ВМРО ДПМНЕ многу совесно и одговорно ги превземаат сите активности за решавање на актуелниот проблем.

Одбиваме да се занимаваме со дневни партиски препукувања и цела енергија ќе ја насочиме да обезбедиме максимална поддршка за брзо надминување на проблемот кој повторувам, не е резултат на човечки фактор, изјави Борче Димитровски, претседател на ОК ВМРО ДПМНЕ Битола.