Во Амстердам замина Златната камера 300

0
479

Во престижниот „EYE“ Музеј во Амстердам на трети јуни, за време на церемонијата на отворањето на големата ретроспектива на кинематограферот и уметник Роби Милер, директорот на Фестивалот „Браќа Манаки“, Благоја Куновски – Доре му ја врачи наградата за животно дело „Златна камера 300“.

Куновски го претстави фестивалот и неговата поврзаност последните 20 години со филмовите на  Милер. Тој говореше за престојот на  Роби Милер во Битола,  на фестивалот „Браќа  Манаки“.

Куновски рече дека оваа награда тој ја смета за Оскарот што го заслужува Роби Милер.  Овој настан беше проследен од  бројна публика која ја надминуваше цифрата од илјада посетители.

Холандија го славеше својот мајстор на светлината со импресивна инсталација која вклучуваше повеќе од 30 ТВ и ЛЦД монитори со материјали одприват на видео архиви на Роби Милер, негови белешки, фотографии направени за време на снимањата, писма кои си ги разменувал со режисерите со кои соработувал, но и интервјуа со Вим Вендерс, Џим Џармуш, Ларс фон Триер, Стив Мек Квин.

Извонредниот трагач по светлината, Роби Милер, последните пет години е врзан за инвалидска количка бидејќи му е влошена здравствената состојба. Тој со својата сопруга Андреа покрај себе, достоинствено ја проследи целата  церемонија и присуствуваше на свечената вечера, што во негова чест ја  организираше  „EYE“ Музејот во Амстердам, топло поздравен од директорката на музејот Сандра ден Хамер и нејзините соработници, кои оваа  изложба ја подготвувале речиси една година.

Делегацијата на Фестивалот „Браќа Манаки“, Благоја Куновски и Гена Теодосиевска за време на престојот во Амстердам, на покана од Андреа  Милер, имаа прилика да го посетат Роби Милер и во неговиот дом, каде што  Куновски евоцираше спомени од средбите со овој неуморен поддржувач на  новото и на експериментот  во филмската слика.

Во Битола на 37-то издание на фестивалот „Браќа Манаки“ се очекуваат претставниците  на Милерови, неговата сопруга, неговите син и ќерка кои ќе говорат за Роби Милер,  како човек и уметник, додека неговата долгогодишна  соработничка и самата кинематограферка, Клер Пијман е поканета да говори за  естетиката на фотографијата во филмовите на Роби Милер.

Ретроспективната изложба  Роби Милер „Мајсторот на светлината“, ќе биде  поставена во  Музејот „EYE“ до 4-ти септември.