Во Битола одложено рочиштето за случајот „Јустиција“

0
817

„ Расправата не се одржа од причини што дел од обвинетите и нивните бранители немаа уредна достава, а дел имаа оправдување за нивната отсутност. Од тие причини, не постоеја законски претпоставки да се одржи расправата, а истата се одложи за 24 март“ рече Милка Бизевска портпарол на Основниот суд во Битола.

Во акцијата „Јустиција“ спроведена во октомври 2014 година беа опфатени дваесет и пет лица од Одделот за прекршоци при Основниот суд Скопје 1 под сомнение за сторено кривично дело несовесно работење во службата.

Јавно обвинителство – Скопје, во меѓувреме, склучи седум спогодби со судии и судски службеници кои ја признаа вината и тие беа осудени на условна казна. Против петмина, пак, кривичната постапка беше запрена бидејќи се утврдило дека нема кривично дело. Меѓу обвинетите има и пензионирани судии. Останатите, кои се во работен однос, беа суспендирани од работа.

Според Обвинителството, судиите и службениците со неизвршување на службената должност му нанеле штета на Буџетот од 1.308.515 евра за ненаплатена, а пресудена глоба, како и 3.773.500 денари за ненаплатен, а претходно пресуден паушал. Во обвинението се наведува дека обвинетите воделе постапка без да се појават странките, а судските казнени пресуди биле внесувани како извршени, но биле чувани во фиоки сè до нивното застарување. На застарените пресуди, според Обвинителството, се ставал и противзаконски изготвен штембил дека постапката се запира.