Во експлозијата во Истанбул петмина повредени

0
307

Пет лица се ранети во вторникот навечер во експлозијата на најверојатно импровизирана граната во близина на една постојка на подземната железница во Истанбул, и не се потврдени претходните информации за едно загинато лице, соопшти градоначалникот на општината.

Експлозијата одекна по 17 часот по локално време во време на сообраќајниот шпиц во областа Бајрампаша на европскиот брег од Истанбул, кој изминатиот период беше сцена на бомбашки напади на екстремистички групи и големи полициски акции во кои беа уапсени стотици осомничени припадници на тие групации.

Новинската агенција Dogan, повикувајќи се на извори во безбедносните служби, пренесува дека експлозијата по која беше делумно сопрен сообраќајот на истанбулското метро, ја предзивикалата експлозивна направа сокриена во цевка и поставена на мост кој води до надземна станица на метрото.

„Петмина наши сограѓани се ранети во детонација на импровизирана експлозивна направа“, изјави градоначалникот на округот Бајрампаша, Атила Ајдинер за телевизијата Haber.

Неколку медиуми наведуваат дека можеби станува збор за експлозија на електричен трансформатор. За сега официјални извори не ја потврдуваат ниедна од претпоставките.

Гувернерот на Истанбул, Васип Шахин, изјави дека само таа линија од метрото била затворена поради мистериозната експлозија, иако веста брзо се прошири преку социјалните мрежи и многу граѓани јавуваа дека слушнале експлозија.

Од детонацијата биле искршени прозорците на еден вагон, а патниците брзо биле евакуирани, додаде Шахин пренесе весникот Hurriyet./крај/мф/сн