Во Финска започна собирање потписи за петицијата за истапување од ЕУ

0
683

Еден од лидерите на финската десна партија Вистински Финци, Себастијан Тјункјунен покрена петиција со барање да се спроведе референдум за членството на Финска во Европската унија до декември 2017 година, и неа веќе ја потпишале 10.000 луѓе, петтина од потребниот број за иницијативата да биде разгледувана во парламентот, објави во саботата вечерта телевизијата Yle.

Според челникот на младинската организација на Вистински Финци, Европската унија предизвикува само хаос во Европа, и на Финска ѝ е потребна таква иницијатива. Според финскиот радиодифузен сервис, петицијата на Себастијан Тјункјунен веќе ја потпишале над десет илјади луѓе, и расте популарноста на оваа граѓанска иницијатива.

Партијата Вистински Финци, која е дел од десната коалиција, се смета за партија на евроскептиците. Уште во петокот, веднаш по објавувањето на резултатите од британскиот референдум и покренувањето на петицијата, неа ја потпишале над 3.500 Финци.

Тјункјунен не го крие задоволството од исходот на референдумот во Велика Британија. Тој смета дека референдумот ѝ е неопходен на Финска, за земјата да може да „стане слободна“.

Според телевизијата, слична иницијатива била покрената и во 2013 година, но тогаш неа ја потпишале само 30.000 луѓе. Финскиот парламент ги разгледува иницијативите, доколку во рок од шест месеци од нивното покренувања тие успеат да добијат поддршка од повеќе од 50.000 потписници.

Во прилогот посветен на исходот и последиците од британското излегување од ЕУ, телевизијата Yle меѓу другото го презентираше и податокот дека постојаната популација во Обединетото Кралство се проценува на околу 30.000 граѓани на Финска, каде што, пак, живеат околу 4.500 британски државјани. Според Британското здружение во Финска, поголемиот дел од Британците кои живеат во оваа земја биле против излегувањето на нивната татковина од ЕУ, а на истите позиции биле и Финците кои живеат во Велика Британија./крај/мф/сн