Во голема полициска акција во БиХ уапсени 6 лица, меѓу кои и сегашен и бивш министер

0
405

Најмалку шест лица, меѓу кои и еден министер во владата на Тузланскиот кантон и еден претставник во кантонското собрание, уапси полицијата во Босна и Херцеговина, како дел од истрагата што се спроведува за злоупотребата на стимулативни мерки за земјоделското производство.

Според информации потврдени од полицијата уапсени се Един Ајановиќ, кој ја врши функцијата министер за туризам, трговија и транспорт во Владата на Тузланскиот кантон, и Мерсед Шерифовиќ, претставник на собранието.

Полицијата го приведе и Јерко Иванковиќ Лијановиќ, кој во претходниот состав на Владата на Федерацијата БиХ ја вршеше функцијата министер за земјоделство, а полицијата ја пребара и неговата семејна куќа во Широки Брег.

Повеќето од притворените се политички ангажирани преку Народната партија „Со работа кон подобрување“ (НСРзБ), основана од браќата Иванковиќ Лијановиќ. Иако повеќе не е дел од власта на ниво на ентитетите и на државата, таа сè уште е дел од владејачкото мнозинство во одредени делови на земјата.

Јерко Иванковиќ Лијановиќ беше приведен и минатата година, кога против него беше покрената истрага за злоупотреба на службената положба и овластувања во времето кога сè уште беше министер.

Ревизијата покажа дека парите од средствата наменети за стимулации на земјоделското производство во последниве години главно им биле делени на лица поврзани со НСРзБ, и тоа спротивно на утврдените критериуми.