Во комплексот на американскиот Конгрес застрелан и фатен напаѓач

0
290

Маж вооружен со пиштол влегол во подземниот центар за посетителите на американскиот Конгрес каде во него пукала полицијата и е ранет откако своето оружје го вперил во полицајците, станува збор за изолиран инцидент и повеќе нема опасност, соопшти полицијата на Вашингтон.

Осомничениот е ранет, а жената којашто стоела во близина претрпела помали повреди, и двајцата се однесени во болница, изјави на прес-конференцијата шефот на полицијата на Конгресот, Метју Вардероса. Напаѓачот е опериран, а неговата состојба не е позната, додаде.

Американската телевизиска мрежа CNN забележува дека и покрај прес-конференцијата на првиот човек на полицијата која се грижи за безбедноста на комплексот на Капитол Хил ситуацијата сé уште не е извесна и истакнува дека во претходните извештаи имаше потврда за еден повреден полицаец.

Сепак, Вардероса на прес-конференцијата беше дециден дека ниеден полицаец не е повреден. Додаде дека не познато колку полицајци пукале. На местото на инцидентот е пронајдено оружје, а возилото на осомничениот било на подрачјето на Капитол Хил, додаде шефот на полицијата.

Вардероса, исто така, рече дека осомничениот маж не ѝ бил познат на полицијата на Капитол Хил, којашто се грижи за безбедноста на конгресниот комплекс.

„Врз основа на прелиминарната истрага мислиме дека ова е акт на поединец кој претходно често го посетувал Капитол. Немаме причина да веруваме дека ова е нешто повеќе отколку криминален чин“, рече Вардероса.

Уште еден неименуван владин функционер за Reuters рекол дека нема никакви доказа за поврзаност на инцидентот со тероризам.

Конгресот овие денови не заседава поради продолжениот викенд за католичките велигденски празници и малку претставници се во Вашингтон, а зградата на Капитол на кусо била затворена, а потоа повторно отворена за туристите. Центарот за посетителите на Капитол Хил го користат главно туристите.

Полицијата не го идентификуваше напаѓачот, но инсистира дека станува збор за само еден напаѓач.

Повеќе американски медиуми, вклучително и влијателните телевизиски мрежи NBC News и ABC News, јавија повикувајќи се на неименувани полициски извори, дека вооружениот маж е Лари Даувсон од сојузната држава Тенеси. Тој бил уапсен на Капитол ланскиот октомври откако викнал „Јас сум Божјиот пророк“ од балконот на Претставничкиот дом на Конгресот.

Американската тајна служба, која се грижи за безбедноста на претседателот и другите највисоки државни функционери, привремено ги отстрани туристите од областа на Белата куќа, но пота вратена е вообичаената состојба. Нема потврда на информациите дека привела лице коешто во времето на инцидентот на Капитол наводно се обидело да се уфрли на територијата на резиденцијата на американскиот претседател./крај/мф/сн