Во Косово пораст на исламскиот верски екстремизам

0
519

Американскиот Стејт департмент смета дека во Косово од 1999 година има значително зголемување на заканата од исламскиот верски екстремизам, кој е поттикнат преку финансирање од странските организации кои проповедаат екстремистичка идеологија.

Оваа оценка е содржана во Извештајот за глобалниот тероризам, објавен од Стејт департментот, каде уште се наведува дека најголема закана во глобални рамки продолжува да биде терористичката група Исламска држава.
Кога станува збор за Косово, во извештајот се наведуваат и детали околу бројот на Косовците кои се приклучиле да војуваат на Блискиот Исток.
– Од над 300 Косовци кои се приклучиле на милитантните организации, како што е Исламска држава или фронтот Ал Нусра, 250 за Сирија или Ирак отпатувале од Косово. Од нив, до сега, загинале педесетина, стои во извештајот.
Пропагандата на насилните екстремистички групи, според годишниот извештај на американскиот Стејт департмент се шири преку активно користење на социјалните мрежи.
Во извештајот, исто така, се споменува фактот дека минатата година косовската полиција уапсила лица под сомнение дека планирале терористички напади. Сепак, во 2015 година, во Косово немало такви инциденти.
Во извештајот се наведуваат и други активности кои косовските власти ги преземале во борбата против насилниот екстремизам, потсетувајќи при тоа со посебен акцент на плановите, стратегиите и донесените закони . Во овој годишен извештај на Стејт департментот со споменува и законот усвоен од страна на парламентот на Косово, во април минатата година, со кој се забранува учество во странски војни.