Во Лерин водечките македонисти од цел свет ќе расправаат за македонското прашање

0
210

Тридневна научна конференција посветена на македонското прашање, на која ќе учествуваат водечки научни имиња од целиот свет, ќе се одржи од 16 до 19 јули во Лерин, Грција.

Овој настан се смета за историски затоа што за првпат во поновата историја за македонското прашање ќе биде дискутирано на научно ниво, токму на тлото на соседна Грција, каде што е и најпроблематизирано.
Организатори на конференцијата се „Австралиско-македонскиот комитет за човекови права” од Мелбурн, Австралија, „Виножито”, партијата на македонското малцинство во Грција и „Европската слободна алијанса” од Брисел.
Учесници на конференцијата ќе бидат Виктор Фридман од Универзитетот на Чикаго (САД), Грејс Филдер од Универзитетот на Аризона (САД), Ендру Росос од Универзитетот на Торонто (Канада), Акис Гаврилидис од Универзитетот на Солун (Грција), Џорџ Влахов од „Ла троб универзитетот” (Австралија), Васко Настевски од Универизтетот на Мелбурн (Австралија), Катерина Колозова од Институтот за социјални и хуманистички науки, Марија Пандевска и Македонка Митрева од Институтот за национална историја при УКИМ (Македонија).
Овој мултидисциплинарен настан има за цел да даде суштински придонес кон разбирањето на современата македонска национална историја од различни академски перспективи, вклучувајќи социолошки, лингвистички, антрополошки и политички аспект, велат организаторите.
Конференцијата во Лерин, Грција е втора од ваков тип, после научниот собир кој беше одржан во 2013 година, на Универзитетот „Монаш” во Мелбурн, Австралија, а со кој беше одбележана 100 годишнината од крајот на Втората Балканска војна и поделбата на Македонија со Букурешкиот мировен договор. Како резултат на тој успешен настан, неодамна, од страна на реномираната германска академска издавачка куќа „Верлаг Ото Сагнер” (Verlag Otto Sagner) беше издадена книга „За македонските работи: Од поделбата на Македонија до денес”.
Конференцијата во Лерин ќе заврши на 19 јули кога истакнатите академски имиња и претставници од Европскиот Парламент за првпат ќе имаат можност да присуствуваат на традиционалниот македонски културен фестивал „Илинден” во село Овчарени, Грција.
www.mkd.mk