Во Македонија има 817 гнезда, дом на 3.661 штрк

0
587

Македонија има точно 817 гнезда на штркови и во нив има 2.023 млади и 1.638 возрасни единкци, покажа пописот на гнезда на штркови што го спроведе Македонско еколошко друштво го спроведуваше на целата територија на земјата изминативе месеци благодарејќи на волонтери и локалното население од повеќе од илјада села.

„Пописот се состоеше од броење на гнезда и младите во нив, а беше завршен во средината на јули пред младите штркови да ги напуштат гнездата. Задачата беше многу обемна но благодарение на повеќе од дваесет волонтери и поддршката од локалното население низ целата држава успешно ја завршивме“, вели Ксенија Путилин, вработена во Македонско еколошко друштво.

Попис од ваков вид последен пат е спроведен во 1958 година од научникот Р.Јоветич. Тогаш во Македонија имало вкупно 1.132 активни гнезда (315 гнезда повеќе од 2015 година), во нив имало вкупно 3.576 млади (1.552 млади повеќе од годинава) и за разлика од сега, кога најголем број од гнездата се на електрични столбови или слични конструкции, во 1958-та најголем број од гнездата биле на куќи.

Распространетоста и бројноста на штрковите го подобрува разбирањето на експертите за тоа како можеме да се зачува животната средина и традиционалните омилени предвесници на пролетта. Овие птици се ширoко прифатени како симбол на зачувана природа и нивното присуство во близина на населбите гарантира дека се живее во здрава средина.

Штрковите во Македонија се сметаат за богатство и тие се чест симбол во многу легенди и преданија. Едно од верувањата е дека штрковите заминуваат за Африканскиот континент по празникот Макавеј на 14-ти август.

„Во многу села слушнавме како луѓето самостојно се организирале да спасат повредени млади или гнезда во неволја. Дел од нив ги хранеле повредените млади, а некои дури поставиле и кауч на покривот од својата куќа само за да го зајакнат растуреното гнездо“, рече Боби Арсовски, волонтер на Македонско еколошко друштво.

Состојбата со штрковите се следи низ цела Европа. Минатата 2014 и оваа година низ цела Европа се спроведуваше Седмиот меѓународен цензус на штркови во којшто ќе бидат вброени и резултатите од Македонија./кра/мф/бс