Во Македонија ќе продолжат да влегуваат по 3.000 бегалци дневно

0
737

Македонија и натаму се соочува со застрашувачки прилив на бегалци и мигранти кои сакаат да минат низ земјата за да стигнат до засолниште во Германија, Шведска и други земји-членки на Европската Унија.

Повеќе од 50.000 вакви патници се регистрираа во полициската станица во Гевгелија, откако на 18 јуни стапија на сила новите измени на Законот за азил и привремена заштита. Со оглед на тоа што многумина се движат на север без да се регистрираат, реалната бројка на пристигнати лица се проценува на над 70.000 за само нешто повеќе од два месеца.

Предизвикот да се обезбеди соодветно засолниште, здравствена заштита и хуманитарна помош за прилив од ваков обем е огромен, како за националните и за локалните власти, така и за Црвениот крст и другите граѓански организации. Товарот ќе станува сè потежок: врз основа на трендовите во Турција и Грција, Агенцијата на ОН за бегалци (УНХЦР) сега предвидува дека бројот на новопристигнати во земјата наскоро ќе се искачи на 3.000 дневно.

Од самиот почеток, агенциите на Обединетите нации со седиште во Скопје им помогаат на националните партнери во грижата за бегалците и мигрантите, со посебен фокус на ранливите лица. Иако најголем дел од оние кои патуваат се мажи, жените и децата сега изнесуваат речиси една третина. Дополнително, Фондот на Обединетите нации за население (УНФПА) проценува дека 12 отсто од жените се бремени.

www.mkd.mk