Во Македонија прогласена кризна состојба на јужната и на северната граница

0
433

Владата на вчерашната седница одлучи да прогласи кризна состојба во регионот на нашата јужна и северна граница со што согласно правните прописи се отвара можност за соодветен ангажман и на Армијата на Република Македонија.

„Како што информиравме во повеќе наврати, меѓуинституционалното координативно тело секојдневно ја следи состојбата со илегалните мигранти кои имаат намера да влезат на наша територија од соседна Грција и изготвува соодветни анализи за одговор при сите евентуални сценарија. Поради зголемениот притисок на јужната граница и се поголемиот интензитет на транзит преку таканаречениот балкански мигрантски коридор, но и состојбата во глобални рамки, беше проценето дека е неопходна дополнителна, зголемена и поефикасна контрола на граничниот појас каде се регистрирани масовни илегални преминувања од грчка страна“, се наведува во соопштението од МВР.

Оттаму очекуваат ангажманот на армијата да даде резултат во две насоки.

„Прво, да се зголеми безбедноста и спокојството на локалното население и второ да се обезбеди посеопфатен пристап во третманот на лицата кои изразиле намера да бараат азил, согласно капацитетите и препораките на конвенциите чиј потписник е Република Македонија и кои се трудиме доследно да ги почитуваме“, се наведува во соопштението на МВР.

За постапување по одлуката на Владата ќе биде формиран Главен штаб при Центарот за управување со кризи кои треба да го изготви акцискиот план и да ги реализира предвидените активности.

„Свесни сме дека зголемената контрола на нашата јужна граница не претставува конечно решение на проблемот и затоа очекуваме дека во најскоро време ќе биде утврден единствен, хуман одговор од страна на ЕУ, кој ќе ги опфати сите земји што се најзасегнати од мигрантската криза и солидарно ќе го сподели товарот на соочувањето со предизвикот“, се додава во соопштението.

Во изминатите 24 часа, издадени се потврди на вкупно 1.327 странски државјани, за искажана намера за поднесување на барање за признавање на право на азил. Според државјанството на лицата на кои им се издадени потврди, најбројни се државјаните на Сирија – 1.004, Бангладеш –115, Пакистан – 79 додека другите се во помал број.

Вкупно, во овие два месеци, откако стапија на сила измените во Законот за азил, издадени се потврди на вкупно 41.414 странски државјани. Според државјанството на лицата на кои им се издадени потврди, најбројни се државјаните на Сирија – 33.461, потоа Авганистан – 2.073, Ирак – 1.947, Пакистан – 1.198, Сомалија – 561, Палестина – 560, Конго – 301, Бангладеш – 230, Нигерија – 142, Камерун – 140, Еритреја – 140, Етиопија – 109, додека останатите се во помал број.

Од започнувањето на издавањето на потврдите до денеска, до Одделението за азил се поднесени 47 барања за признавање на право на азил врз основа на претходно издадена потврда, при што 34 барања се од државјани на Сирија, од нив 10 за деца, потоа три барања од државјани од Пакистан и Авганистан од нив четири се деца кои го придружуваат родителот, по две барања од државјани од Мароко, Алжир и Ирак (едно од барањата е за деца) и едно барање од државјанин на Египет.