Во напади во Сао Паоло најмалку 20 мртви

0
248

Во престрелки меѓу вооружени маскирани групи во две приградски населби на бразилската метропола Сао Паоло ноќта кон петокот убиени се најмалку 20 лица.
„Има мртви, но сé уште не можеме да го прецизираме нивниот број. Министерството за внатрешни работи ќе информира подоцна во текот на денот“, изјавил во петокот за AFP портпаролот на полицијата во Сао Паоло, град во кој живеат околу 20 милиони луѓе.

Додал дека нападите се „невообичаени“, како и дека сé уште не може да се каже дали биле координирани.

Вооружени напаѓачи започнале да пукаат во еден бар во квартот Осаско, а престрелките продолжиле во соседниот кварт Баруера, пишува порталот на телевизијата Globo News, според кој има најмалку 23 жртви. Во извештајот се додава дека престрелките траеле два ипол часа на десет различни локации во Осаско, а уште два напада биле извршени во квартот Бауера.

Телевизијата емитуваше снимки од скриени камери на кои се гледа група вооружени мажи чии лица се маскирани како упаѓаат во бар и ги принудуваат гостите да ги кренат рацете во воздух а потоа пукаат во нив.

На прашањето дали е можно да станува збор за одмазда поради убиството на еден полицаец, градоначалникот на Осаска, за Globo News изјави дека „ги погледавме видеоснимките кои одат во прилог на таа претпоставка. Сега ќе преземеме мерки со коишто ќе настојуваме да го спречиме вложувањето на ситуацијата следните денови“, додаде./крај/мф/сн