Во Охрид и околните места пак земјотрес, 500 помали потреси во последните 10 дена

0
719

Жителите на Охрид, Ресен и околните населени места по серијата помали земјотреси во последниве неколку дена се вознемирени и коментираат дека кај и да е, ќе има поголем удар. Два земјотреса ноќеска повторно го потресоа Охридскиот регион.

Во 2,37 часот рано утрово Европскиот медитерански сеизмолошки центар регистрира земјотрес со магнитуда од 3 степени според Рихтеровата скала. Епицентарот бил на 8 километри источно од Охрид на длабочина од 5 километри.

Два часа подоцна, во 4,41, бил регистриран уште еден помал потрес со магнитуда од 3,1 степен според Рихтер и епицентар 13 километри североситочно од Охрид на длабочина од еден километар.

Земјотресите не предизвикаа никакви материјални штети.

Експертите по сеизмологија оценуваат дека се работи за редистрибуција на напрегање на силите за сеизмички активно подрачје.

Вчера во Охрид и околината беа регистрирани пет помали потреси.

„Ова е исклучително активна недела и имаше околу 500 земјотреси кои се должат на активноста на трите раседи од охридското епицентрално подрачје“, вели Драгана Черних од  Сеизмолошката опсерваторија во Скопје.

Серијата земјотреси во охридско-струшкиот регион започна пред десеттина дена, односно на 18 јуни со потрес со јачина од 4,1 степен по Рихтер. Потоа следуваа и други од 3,6 до 3,9 степени.

„Овие земјотреси се должат на трите петринско – пештански раседи што се наоѓаат на источниот дел на охридската депресија. Тие се длабоки раседи со длабочина од 1.500 метри и ги даваат сеизмичките активности во тоа подрачје“, вели Черних.

www.mkd.mk