Во Прилеп пријавен случај на давање поткуп

0
410

Основната задача е да се обезбеди мирен, предизборен период, изборен ден и пост изборен период, односно полицијата мора да биде сервис на граѓаните, а не на политичарите или политичките партии, порача министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски од Битола.

Спасовски денеска го посети Секторот за внатрешни работи-Битола, каде што  од првите луѓе бил информиран за безбедносната состојба во Битола, Прилеп и останатите делови од надлежност на СВР-Битола.

„Сите треба да постапуваат крајно професионално и во интерес на граѓаните, а политиката да ја остават на политичарите. Притоа најстрого ќе биде казнет секој полицаец што ќе учествува во предизборна кампања накоја било политичка партија. Таков случај регистриравме во Струга и на други места за кои преземаме мерки. Полицијата мора да биде сервис на граѓаните, а не на политичарите или политичките партии“, рече Спасовски.

Тој пред новинарите информираше дека во Прилеп е регистриран и пријавен случај на давање поткуп за политички цели.

„Двајца граѓани на Прилеп пријавија дека претставник на политичка партија понудил соодветна сума поткуп за изборите. Направена е кривична пријава против еден сторител, известен е јавниот обвинител и се преземаат мерки за решавање на овој случај. Апелирам до политичките партии кампањите да ги водат на ниво на програми и концепти и без злоупотреби. Апелирам до граѓаните доколку забележат случај на злоупотреба од кој било политички субјект тоа веднаш да го пријават во полициска станица и да соработуваат со МВР“, додаде министерот Спасовски.