Во приватна градинка девојчиња биле подучувани на исламски верски обреди

0
1395

По приватна пријава, откако на Фејсбук биле објавени фотографии на девојчиња како во приватна градинка во скопската населба Чаир вршат верски обреди, надлежните органи извршиле детална проверка.

Верското училиште не било регистрирано во ниту една надлежна институција. Контролата утврдила дека наставата се одвивала секој работен ден од 11 до 16 часот, во време кога дел од децата требале да се на училиште.

Наставата се одвивала во два објекта каде 20 девојчиња на возраст од 6 до 11 години учеле за исламска вероисповест и обреди од исламската религија. Децата учеле молитви, поклоненија и други религиозни обреди.

Од Исламската верска заедница го осудија постоењето на ваква градинка.

Претседателот на ИВЗ Сулејман Реџепи во изјава за телевизија Алсат вели дека не се дозволени верски градинки во Македонија и дека на таквиот потег ќе се спротистави институционално.

„Без наша согласност тоа не може да го направи никој и не смее да помисли за такво нешто. Ние нема да дозволиме некој несвесно да ни ги зарази децата. Колку е тоа информирање и едукација, толку може да биде и труење. Јас ви гарантирам и им велам на оние, дека со сите тела на ИВЗ едногласно се спротивставуваме“, рече Реџепи.

За ова веќе биле информирани и Министерството за образование и наука и Министерството за внатрешни работи. „Испратено е барање да се испитаат оправданоста, карактерот, целите и намерите на хуманитарната организација“, соопшти Министерсвото за труд и социјална политика.

Според македонските законски прописи верска настава не е дозволенa во предучилишни паралелки и во основните училишта.

www.mkd.mk

Без коментари