Во Русија уапсени 12 осомничени лица за врски со тероризам во Калининград

0
216

Руските власти уапсиле 12 лица во Калининград, осомничени за врски со екстремистичката група „Исламски џихад – џамаат муџахедин“, информира ТАСС.

Приведените имале централноазиско потекло и можно е да учествувале во активности на регрутирање членови за меѓународната терористичка организација, посочи Федералната служба за безбедност.

Утврден е лидерот на терористичката ќелија, кој во Узбекистан бил баран со потерница за кривични дела со екстремистички елементи.

Руската енклава Калининград се наоѓа меѓу Полска и Литванија и има важно стратегиско значење за Москва, бидејќи е база на руската Балтичка флота.

Стравувањата од регрутирање членови на екстремистичките групи меѓу граѓаните на поранешните советски републики во Централна Азија, каде населението е доминантно муслиманско, во Русија значително се засилија во текот на последниот месец, откако беше утврдено дека атентаторот, кој го изврши самоубиствениот напад во метрото во Санкт Петербург, е Киргистанец, забележаа американските медиуми.

Двајца осомничени поддржувачи на Исламска држава вчера беа уапсени на островот Сахалин, на  Далечниот исток од Русија. ФСБ соопшти дека тие планирале терористички напад, но не посочи детали за настанот.