Во североисточна Нигерија 150 мртви во напад на Боко харам

0
205

Речиси 150 луѓе ги загубија животите, некои од огнено оружје а некои давејќи се во обидите да побегнат пред припадниците на радикалната исламистичка група Боко харам во зафрлено село во сојузната држава Јобе, на североистокот од Нигерија, соопштија во вторникот локалните власти откако добиле информации од локалното население.
„Вооружените припадници на Боко харам го нападнаа нашето село во четвртокот, при што загинаа околу 150 луѓе. Повеќето од жртвите се удавија во реката додека се обидуваа да се спасат“, изјавил за AFP Букар Ријџани, жител на нападнатото село Кукуква-Гари.

Додал дека десетиците исламисти дошле во селото на мотоцикли и со автомобили и веднаш почнале да пукаат врз жителите, што предизвикало паника.

„Веднаш отворија оган, по што луѓето почнаа да бегаат. Неколкумина стрелаа. За жал, многумина, барајќи го спасот, скокнаа во реката која е надојдена од дождовите и се удавија“, потврдил други жител на ова село, Моду Балуми.

Вообичаено поради разорената инфраструктура, а особено телефонските врски кои се цел на Боко харам, оваа информација за масакрот во селото оддалечено 50-ина километри од Даматуру, главниот град на државата Јобе, по неколку денови пристигнала до властите. Шефот на владата на Јобе, пак, го потврдил нападот известувајќи само за 50-ина мртви.

Во Нигерија, особено последните шест години дејствува радикалната исламистичка група која некои ја сметаат и за секта – Боко харам основана во 2002 година, којашто настојува во северна Нигерија да формира исламска држава и се противи на западниот модел на образование што всушност и значи нејзиното име „Западното учење е забрането“ на локалниот хауса јазик. Групата стои зад повеќето терористички напади во градовите и масакри во руралните области на земјата и се смета за одговорна за повеќе илјади жртви само во последните пет години.

Таа се смета за најголемата безбедносна закана не само за Нигерија, којашто е најбројната африканска нација чии околу 180 милиони жители се поделени речиси половично на христијани и муслимани, најголемата африканска економија и производител на нафта, туку и за соседните држави./крај/мф/сн