Во Турција уапсен осомничен џихадист откако си пресадил коса

0
272

Турската полиција уапсила државјанин на Франција за кој се сомнева дека е борец на Исламска држава.

Тој бил уапсен откако во еден козметички салон извршил трансплантација на коса, објавија денеска локалните медиуми.

Уапсениот Мехдибенд Саид бил надгледуван од турските власти откако влегол во земјата од Сирија, каде што учествувал во планирање терористички напад на турско тло, објави турската новинска агенција Доган, пренесе Франс прес.

Саид бил уапсен вчера откако локалните разузнавачки служби во градот Измир, на брегот на Егејско Море, го следеле до клиника во која бил подложен на трансплантација на коса.

По апсењето Французинот ѝ рекол на полицијата дека планирал да направи уште една козметичка процедура за „да изгледа поубаво“.

Турските безбедносни сили почнаа одлучни акции против џихадистите откако во напад на бомбаш-самоубиец во Анкара на 10 октомври беа убиени 102 луѓе, што им се припишува на милитантите на ИСИС.